Ферари можеби го немаат најдобриот болид во Формула 1, но се многу сериозни ривали за титулата оваа сезона. Ова е ставот на италијанскиот печат по првата трка од сезоната и победата на Себастијан Фетел во Мелбурн откако го „надмудри“ Луис Хамилтон.
Хамилтон беше убедливо најбрз на квалификациите, меѓутоа, Фетел со силна стратегија со влегување во боксот, успеа да заврши пред асот на Мерцедес.
„Среќата никогаш не е слепа во спортот. Ако се потпирате на среќа со брилијатни идеи, тогаш можеш да успееш. Себастијан ги искористи шансите и донесе злато“, се вели во коментарот на „Газета дело спорт“.
И во „Кориере дело спорт“ се согласуваат: „СФ71Х не е феномален болид, но има причина за надеж за титула“.
Во „Ла стампа“ велат: „Ферари доби висока оценка во првиот ден на училиште, иако Мерцедес подобро ја завршија домашната работа“.
Директорот на „Пирели“, компанијата која е официјален снабувач на пневматици за 2018, Марко Тронкети Провера вели дека Ферари мораат да го подобрат својот болид и да ја добијат борбата на развојот.
„Болидот мора да биде побрз, но сите во Маранело го знаат тоа. Сепак, првата трка покажува дека се има квалитет. Тимот е тука, возачите се тука, така што мора да се работи на техничкиот дел на болидот“, вели Тонкети Провера.
Самиот Луис Хамилтон вели дека се подготвува за трка против „брзите“ Ферари во Бахреин следниот викенд.
„Во Бахреин Ферари ќе бидат многу брзи на рамните делови, а кога температурата е висока тие се побрзи“, изјави Хамилтон.
Фото: ЕПА