Шефот на Ферари, Матија Биното вели дека неговиот тим нема да паничи по лошиот старт на сезоната 2019, откако сите беа шокирани дека по доминацијата на зимското тестирање на Скудерија, Мерцедес, но и Ред бул беа побрзи од нив во првата трка.
Покрај тоа, Биното призна дека само поради тимската наредба Шарл Леклер не го поминал Себастијан Фетел и го оставил на четвртото место.
„Мораме да анализираме што се случи, но тоа ќе биде на мир во нашата фабрика. Останувам сигурен дека имаме добар болид и дека не го видовме вистинскиот потенцијал во Мелбурн. Околу Себ, во тој момент не сакавме да ризикуваме да загубиме повеќе и немаше смисла Шарл да го нападне“, вели Биното.
Сепак, италијанските медиуми, кои се постојано критични кон Ферари, овојпат го опишаа Фетел како „многу слаб“.
„Леклер имаше многу повеќе енергија од него и признава дека му било наредено да остане зад него во финишот на трката“, се вели во коментарот на спортскиот весник.
Биното вели критиките нема да ги поколебаат.
„Викендот беше неочекуван, најмногу бидејќи не ги решивме проблемите во текот на викендот. Денеска немам одговор, но мислиме дека ова беше само случајна трка. Само добра лекција за нас“, додава Биното.