По фантастичната победа на Даниел Рикјардо на Кинеското ГП, италијанските медиуми го повикаа Ферари да потпише договор со Австралиецот со италијанско потекло чиј договор со Ред бул завршува на крајот на сезоната.
Италијанските медиуми имаат огромно влијание на работите кои се случуваат во Ферари, и сега се прашуваат зошто Скудерија не направила повеќе да ги обезбеди услугите на 28-годишниот ас и зошто тој не го замени Кими Раиконен.
„Ферари мораат да го земат Рикјардо. Најфасцинантното е тоа што тој нема договор за иднината. Да бев Серџо Маркионе сериозно ќе размислев за ова. Тој е на врвот на своите квалитети и е зрел возач кој знае како да ги донесе победите. Фетел и Рикјардо би го направиле најсилниот состав во Ф1. Да, во минатото беа колеги и имаше несогласувања, но работите се менуваат – двајцата не се веќе млади момчиња“, пишува Алберто Сабатини во „Аутоспринт“.
Со него се согласуваат и во „Спорт Медиасет“, каде што Лука Будел имаше свој коментар: „Макс Ферстапен останува феномен, но Даниел Рикјардо го движи Ред бул и мора да се внимава на него. Посебно во Маранело“.
Лео Турини, еден од најпознатите „инсајдери“ за работите во Маранело вели дека цената на Австралиецот „скокнала“.
„Не дека беше потребно, бидејќи и така е најголемата ѕвезда во трансфер-пазарот, но со триумфот во Кина тој покажа дека е стабилен и брз возач. Ред бул решија да се фокусираат на иднината со Макс Ферстапен, а веќе знаеме дека и Ферари и Мерцедес разговарале со него за иднината. Кими може во пензија на крајот на сезоната, а Валтери Ботас уште не ги убедил шефовите во Мерцедес“, пишува Турини за „Квотидијано“.
Светскиот шампион од 2016 година, Германецот Нико Розберг по неделната трка во Кина за „Скај спортс“ јасно посочи кој е фаворит за местото во Ферари.
„Да бев Даниел ќе одев во Ферари. Тоа е најдобриот болид оваа година, а знае дека може да го победува Себастијан. Знам колку ја мразеше таа сезона“, објасни Розберг.
Самиот Рикјардо, како и повеќето Ф1 возачи призна дека би сакал еден ден да вози за Ферари.
„Не се гледам во Ф1 до доцните 30-ти, така што морам да донесам вистинска одлука за иднината. Ако можам да најдам добар тим, Ред бул или некој друг, тогаш вреди малку да се почека“, изјави неодамна Австралиецот.
Фото: ЕПА