Top Sport

Јамаха го суспендираше Вињалес за „неправилно управување со мотоциклот“

Конфликтот меѓу Маверик Вињалес и неговиот Мото ГП тим, Јамаха дојде до точка на топење, откако јапонскиот производител потврди дека го суспендира шпанскиот возач поради „неправилно управување на мотоциклот“ и тој нема да учествува на Австриското ГП овој викенд, со најава дека ќе се разговара за неговата иднина.

Овој потег доаѓа по минатонеделноот ГП на Штаерска, каде што Вињалес по добриот старт, „заглави“ на рестартот и мораше да стартува од боксот. Тој потоа имаше проблеми со мотоциклот, постојано добиваше пораки од тимот да влезе во боксот, и на крајот заврши како последен, на 19. место. Се верува дека по влегувањето во боксот, тој намерно се обидувал да го „пукне“ моторот.

„Заклучокот на Јамаха е дека постапките на возачот можеле потенцијално да предизвикаат значителна штета на неговиот мотор, но и сериозни ризици за самиот возач и другите Мото ГП возачи“, се вели во објавата на Јамаха.

Ова најверојатно значи дека Вињалес воопшто нема да се трка со јапонскиот производител оваа сезона, откако веќе има договор со Априлија за 2022.

Scroll to Top