Јос Ферстапен, поранешниот Ф1 возач, кој сега е попознат како таткото на лидерот во генерален пласман Макс Ферстапен, вели дека го почитува Луис Хамилтон како фантастичен возач, но дека нема ништо добро да каже за однесувањето на Британецот.
„Никогаш не сум зборувал со Луис. Тој нема потреба да зборува со мене, бидејќи за него сум ништо. Го почитувам како возач, но другото…. Ништо. Макс и Луис зборуваат само на подиумот. Кога ќе го видам Макс со другите возачи, мислам дека добро се согласуваат. Но, со Луис ништо, бидејќи Луис е во свој свет. Јас бев во Ф1, во споредба со Макс, не бев никаде, но зборував со другите возачи и дел од нив беа многу пријателски расположени. Но, некои возачи не те гледаат во очи“, вели постариот Ферстапен.
На прашање дали и Михаел Шумахер, единствениот човек кој има освоено седум светски титули бил ист, Јос вели дека работата е поинаква.
„Јас добро се согласував со Михаел. Се среќававме и лично, одевме на одмор. Макс се сеќава на Михаел како семеен човек кој си игра со децата. Кога бевме на патеката се менуваше, но остануваше пријателски расположен. Луис го прави тоа на свој начин, и не можете да кажете дека згрешил бидејќи победува толку многу.Тој направи вистинска одлука да оди во Мерцедес и долго време имаше најбрз болид. Но, добар е, тоа не може да се оспори. Го почитувам како возач. Макс е таков каков што е. На некои луѓе им се допаѓа, на некои не. Кажува што мисли, но не сака да се вклучува во политички игри, да кажува што се случува во другите земји како Луис. Макс гледа дека има работа како спортист, и тоа е тоа. Тоа е начинот на Макс“, додава Јос.