Top Sport

Како е да возиш Ф1 болид на алпска калдрма (видео)

Ред бул рејсинг се познати по своите „демоа“ на тешки предели – спусташката патека во Кицбил, Вади Рум пустината во Јордан, но самите признаваат дека патот по античката алпска калдрма во Швајцарија бил најтежок досега.

Поранешниот возач на Торо росо и шампион во Формула Е серијата, Швајцарецот Себастиен Буеми беше совршен да помогне во предизвикот – да се вози на Тремолаштрасе, античкиот пат со калдрма кој го поврзува Аироло и преминот Готхард. Сегашниот пат е изграден во 1832 година на основа на стар римски пат, и се состои од 12.7 километри неверојатни кривини на 2.106 метри надморска височина. Речиси сите го избегнуваат патот во модерно време, посебно по изградабата на тунелот „Готхард“.

Буеми помина неколку пати на патот, почнувајќи во 4 часот наутро.

„Ова беше неверојатно искуство, нешто за што само можев да сонувам. Патот е навистина посебен, со толку многу историја. Тркањето во Швајцарија е забрането од 1955 и несреќата во Ле Ман, така што не верував дека ќе ми се даде шанса да возам Ф1 болид во мојата земја на еден од најубавите патишта на светот“, вели Буеми.

Ред бул секогаш е подготвен за екстремни работи и самопрогласената желба да ја носат Ф1 на неверојатни места. Подолу можете да ги погледнете и претходните две вакви „екстремни интервенции“, првото на славната патека за спуст Ханенкам во Кицбил со Макс Ферстапен, а второто на најниската точка на земјата, на Мртвото Море во Јордан со Дејвид Култхард.

Scroll to Top