Top Sport

Чех: Џабе формата на Тотенхем, ако не освојат трофеи

Голманот на Арсенал, Петр Чех вели дека приоритетот на неговиот тим не е да се заврши пред лутиот ривал Тотенхем, додавајќи дека тимот на Маурисио Покетино мора да освои трофеј за да покаже дека е врвен клуб.

Тотенхем со второто место минатата година првпат по 22 години беа пред „топчиите“, додека Арсенал не игра ниту во Лигата на шампионите откако беа само петти. Сепак, Арсен Венгер го крена третиот трофеј од ФА купот во последните четири години.

„Секогаш има години кога работите се менуваат, но за нас е најважно да се бориме за титулата од Премиер лигата и за славата. Не се натпреваруваме против Тотенхем Хотспар. Пред две години завршивме пред нив, но бевме разочарани бидејќи не освоивме титула. Целта е да се добие трофеј и да се биде успешен, а не да следиме што прават Тотенхем“, вели Чех во интервју за „Скај спортс“.

Арсенал, како шестопласиран во Премиер лигата ги пречекува третопласираните Тотенхем на „Емирати“ во сабота.

Тотенхем се бореа за титулата последните две сезони, а со победите над Реал Мадрид и Борусија Дортмунд се меѓу поуспешните тимови во ЛШ. Но, последниот трофеј кој Тотенхем го освоил е Лига купот во 2008 година.

„Секогаш им недостасуваше нешто, но тоа полека се менува со Покетино. Последните години се во борба за првите места и сега ако сакаат да го докажат тој прогрес, мораат да освојат титули“, вели 35-годишниот Чех.

Scroll to Top