Македонскиот тркач Игор Стефановски Иџе ги загуби шансите за титулата во ЕТЦЦ шампионатот на ФИА, откако беше казнет за предизвикување судир и заврши на осмото место на првата трка во чешкиот Мост.
Иџе од третото место ги помина Петр Фулин и Норберт Наѓ, двајцата ривали за титулата, но при претекнувањето го удри чешкиот фаворит Фулин одзади, по што доби казна за минување во боксот додека беше на првата позиција. Ова му ги уништи шансите за победа во Мост од петтото место на квалификациите, и со тоа шансите за трофејот.
На крајот до прва ЕТЦЦ победа во Ауди стигна бугарскиот тркач Пламен Кралев, пред двајцата ривали за трофејот, Унгарецот Наѓ и Чехот Фулин. Четврти беше Кристјоханес Шрајбер од Швајцарија, пред неговиот сонародник Петер Рикли.
Стефановски ќе има шанси сезоната да ја заврши со трета победа оваа сезона во втората трка, во која ќе стартува од првото место.