Откако нивната добра трка во Мексико беше поставена во втор план по освојувањето на четвртата титула на Луис Хамилтон, Кими Раиконен и Макс Ферстапен штедеа зборови кога требаа да му честитат на возачот на Мерцедес.
Ферстапен со Ред бул стигна до својата трета победа во Ф1, додека Раиконен беше трет, и кога беа запрашани зза „неколку зборови“ за шампионот, тие го направија токму тоа. Ви го пренесуваме целиот разговор.
КР: Мислам дека треба да зборувате со него.
Новинарот: Ќе го направиме тоа, но околу остварувањето?
КР: Па, добро е за него, многу победи, многу титули. Добро, но што можам да кажам. Мислам…
МФ: Во основа, не ти е грижа, нели?
КР: Па, не, не ми е. Дали можеме да бидеме среќни за тоа? На некој начин да, но…
МФ: Мислам дека повеќе би сакале да сме на таа позиција, нели?
КР: Можеш да бидеш среќен за него, но внатре, искрено, знаете…
Дека не е лесно да се честита на другиот во толку конкурентна околина како Формула 1 покажа и возачот на Мекларен и поранешен колега на Хамилтон, Фернандо Алонсо, кој посочи дека на Британецот му било „прелесно“ на патот до титулата.
„Многу е лесно оваа година, без противници. Лани го имаше Нико Розберг до последната трка, борејќи се за секој поен. Оваа година беше прелесно. Мерцедес станаа шампиони на четири трки пред крајот, Луис на три трки пред крајот. Се надевам дека следната година со Мекларен-Рено ќе му направиме малку повеќе проблеми“, изјави Алонсо.