Top Sport

„Колапс“ на Квартараро, Милер со победа во Херез, Маркез само деветти

Фабио Квартаро не успеа да ја продолжи победничката форма по двете победи едноподруго, пропуштајќи огромна предност од пол-позицијата на Шпанското ГП во Херез, каде што блесна Џек Милер на Дукати за импресивна победа.

Ова е само втора Мото ГП победа за 26-годишниот Милер по таа на Холандското ГП во Асен во 2016 година, но покажува дека на Дукати мора да се смета оваа сезона. Франческо Бањаја во второто Дукати беше на второто место за да стане нов лидер во генерален пласман, додека подиумот го комплетираше Франко Морбидели. Квартараро трката ја заврши на 13. место, додека повратникот Марк Маркез по страшниот пад во саботата беше на деветтото место. Ветеранот Валентино Роси повторно имаше трка за заборав со пласман на 17. место.

Милер го презеде водството на стартот во Херез, додека Квартараро падна на петтото место, но веќе во петтиот круг, Французинот се врати на првото место и направи огромна разлика и само Милер успеа да остане релативно блиску до него. Меѓутоа, по десетина круга на врвот, Квартаро направи грешка и во 16. круг Милер успеа да го помине, а потоа и низа возачи зад него, како Бањаја и Морбидели.

Во генерален пласман, Бањаја има 66 поени, еден повеќе од Квартараро, додека трет со 50 поени е Маверик Вињалес, кој со својата Јамаха стигна само до седмото место.

Scroll to Top