Ферари беа последниот тим кој ја повлече жалбата на одлуката на ФИА за копирањето на сопирачките од страна на тимот на Рејсинг поинт, со што случајот за „розевиот Мерцедес“ останува во историјата пред разјаснувањето на правилата на ФИА за следната сезона.
Болидот на Рејсинг поинт предизвикуваше контроверзи од зимските тестирања, откако беше забележано дека се работи за прилично верна „копија“ на болидот на Мерцедес од 2019 година, што ги налути ривалите и предизвика протест до ФИА предводен од Рено.
ФИА ги казни 400.000 евра и 15 поени кај конструкторите откако утврди дека сопирачките се копирани од Мерцедес, но им дозволи да ги користат до крајот на сезоната. Повеќе тимови, вклучувајќи ги и Ферари решија да го однесат случајот пред Интернационалниот апелационен суд на ФИА, но сега сите тимови се повлекоа.
„Во последните недели, во соработка со ФИА и тимовите донесовме повеќе мерки и промени на техничките и спортските правила за 2021, со кои ќе се спречи копирање и ќе се осигура сите тимови да ги дизајнираат своите болиди. Ферари го поздравува потегот на ФИА со кој се осигурува конкурентниот дух на тимот“, се вели во соопштението на Ферари.