Роберт Кубица претстојниот викенд ќе ги тестира болидите на Вилијамс во Абу Даби за тимот да може да процени дали тој е во можност повторно да седне зад воланот на болид во Формула 1 по тешката повреда на раката.
Овој 32-годишен возач последен пат во Формула 1 возеше во 2011 година кога на рели во Италија доби тешки повреди на раката. Полјакот има ограничени движења на десната рака.
Вилијамс сака да го види на дело што може бидејќи тој треба да биде замената за Фелипе Маса за кого трката во Абу Даби ќе биде последна во кариерата.
Исто така, болидите на Вилијамс ќе ги тестира и рускиот возач Сергеј Сироткин.
Покрај Сироткин и Кубица, уште неколку имиња се поврзуваат со Вилијамс за наредната сезона: Данил Квјат, Паскал Верлејн, Пол ди Реста.
Сепак, доброупатените тврдат дека прв избор на Вилијамс е Кубица поради што тој е и повикан да тестира во Абу Даби.