Иако лани за него имаа само погрдни зборови, Торо росо веќе на Руското ГП ќе го потврдат Данил Квјат како нивни нов возач за 2019 година.
Кариерата на рускиот тркач се движеше во неверојатен правец – тој дебитираше за Торо росо, доби шанса да се трка за главниот Ред бул тим, но беше вратен во јуниорскиот тим по слабата форма, по што на крајот на минатата сезона тие решија целосно да го тргнат од програмата на австриската компанија. Тој оваа сезона е официјален возач на симулации на Ферари.
Но, откако Пјер Гасли доби шанса да се трка за Ред бул по заминувањето на Даниел Рикардо во Рено, 24-годишниот Квјат ќе добие нова шанса.
„Тој ќе вози за Торо росо следната сезона, тоа е сигурно. Договорите се веќе потпишани“, изјави поранешниот холандски Ф1 возач, Роберт Дорнбос.
Советникот на Ред бул, Хелмут Марко во Сингапур призна дека возачите на Торо росо ќе бидат претставени на Руското ГП. Кога беше запрашан дали тоа ќе биде Квјат, Роберт Кубица или Антонио Џовинаци, тој кратко одговори: „Еден од нив. Ќе видите во Сочи“.