Седумкратниот светски шампион во Формула 1, Михаел Шумахер, кој пет години се лекува од тешките повреди на главата со кои се здоби на скијање во француските Алпи, бил преместен во болница во Париз поради „таен третман“.
„Ла Парисиен“ ја пренесува оваа информација, која брзо се рашири низ светот особено кај фановите на легендарниот Германец, бидејќи тој досега се лекуваше во својот дом откаде немаше никакви вести околу неговата здравствена состојба.
Шумахер откако ја доживеа несреќата седум месеци беше во кома. Една година претходно тој како возач на Мерцедес ја заврши кариерата. Најдобрите години тој ги имаше во Ферари во периодот од 1996 до 2006 година кога пет пати стана светски првак. Две титули има и со Бенетон во 1994 и 1995 година.
Шумахер е се уште рекордер според бројот на титулите (седум) и остварените победи во Формула 1 (91).