Top Sport

Леб: Најлош можен старт на Дакар (видео)

Себастиен Леб го опиша стартот на Дакар релито 2018 како „ужасен“, откако поради проблеми со сопирачките возачот на Пежо првата етапа ја заврши на 29. место во генерален пласман.

Релито започна со саботната етапа од 31 километар во близината на Писко покрај престолнината на Перу, Лима, а до победа стигна Насер Ал-Атијах во Тојота, но деветкратниот ВРЦ шампион имаше проблем со сопирачките по само три километри губејќи 5 минути и 37 секунди во кратката етапа.

„Беше навистина страшно, бидејќи по три километри воопшто немавме сопирачки и 28 километри возевме така. Моравме да бидеме спори поради незгодниот терен и лесно можевме да го завршиме релито тука“, вели Леб.

Проблемите на Леб не беа единствени за возачите на Пежо – четирите завршија надвор од топ 10. Актуелниот шампион, ветеранот Стефан Петерхансел беше 11. најбрз, губејќи 2:15 од Ал-Атијах, додека Сирил Деспре и Карлос Саинц беа на 15., односно 16. место.

„Две минути за 30 километри е многу, но ова е само почеток“, вели Петерхансел.

Scroll to Top