Стефан Петерхансел постави најдобро време на петтата етапа на Дакар релито од 266 километри од Сан Хуан де Маркона до Арекипа, започнувајќи го искачувањето кон престолнината на Боливија, Ла Паз, додека неговиот колега од Пежо, Себастиен Леб се откажа од релито.
Деветкратниот ВРЦ шампион, кој беше прв стартер откако победи по 10. пат на една етапа во вторникот, застана по само пет километри пред да заглави во дините. Тој таму помина еден час, пред повторно да тргне, но повторно излета и чекаше два часа за помош. На крајот, на Леб му помогна еден камион, а неговиот со-возач Даниел Елена доби повреда на долниот дел на ‘рбетот и тие се откажаа од трката.
Петерхансел и Карлос Саинс останаа на првите две места во класата на автомобили, и 50-годишниот Петерхансел, кој е 13-кратен шампион на трката, е во одлична позиција за нова победа. До првата етапна победа во 2018, Петерхансел дојде со 5 минути предност пред Бернхард тен Бринке во Тојота, додека Саинс заостана 18 минути и сега има повеќе од половина час заостанување зад Петерхансел.
Кај мотоциклите, возачот на Хонда, Жоан Бареда надополни 15 минути од своето заостанување од 22 минути со доминација во петтата етапа во Перу. Бареда загуби 20 минути во третата етапа, но овојпат доминираше во текот на сите 266 километри, правејќи предност од 6 минути на втората мерна точка од вкупно шест.
На крајот, Бареда беше за 10:26 секунди пред Австриецот Матијас Валкнер (КТМ) пред Антоан Мео. Адриен ван Беверен на Јамаха, кој беше лидер по четвртата етапа загуби над 10 минути од Бареда.