Возачот на Ферари, Шарл Леклер, со брилијантно возење победи на трката за Големата награда на Австрија. Победата во домот на Ред Бул е прва за Леклер по пауза од три месеци.
„Ова дефинитивно ми требаше. Последните пет трки беа тешки за мене, но и за тимот. И конечно покажавме дека имаме темпо и дека можеме да бидеме неверојатни. Затоа мораме да притискаме до крај“, изјави Леклер.
Возачот од Монако, три пати во текот на трката успеа да го мине лидерот во генералниот пласман Макс Ферстапен. Во финишот имаше мали механички проблеми, но успеа да остане на лидерската позиција.
„Тоа беше добра трка. Темпото го имавме од самиот почеток. Беше добра борба со Макс. Финишот беше многу тежок, но успеавме и на крајот сум среќен“.
Леклер е втор во генералниот поредок со 170 бодови, 38 помалку од Ферстапен.