Top Sport

Леклер по битката со Саинс: Ферари не смее да си дозволи вакви дуели

Шарл Леклер смета дека неговиот тим Ферари не смее да си дозволи реприза на борбата која тој ја имаше со колегата Карлос Саинс Јуниор на денешната спринт-трка во Австрија ако сакаат да го предизвикаат Макс Ферстапен за победа во неделнта трка.

Ферстапен со вообичаено агресивна одбрана успеа да го сочува водството на стартот на трката, за потоа во првите неколку круга Леклер да се најде во интересна битка со Саинс за второто место, додека пред нив, Холанѓанецот направи предност и стигна до победата. Леклер не е сигурен дали можел до победа, но побара Ферари да не прави такви пропусти.

„Утре ќе имаме долга трка и менаџирањето на гумите ќе биде сосема поинакво и многу поважно од денеска. Поради тоа, не смееме да си дозволиме ваков дуел како денеска. Колку време загубив? Па, не беше малку. Не знам дали беше доволно за победа, но секогаш постои шанса“, изјави Леклер.

Саинс, пак, смета дека имале „забавна“ битка и дека немале што да загубат.

„Имаше малку да се добие или загуби со таа битка. Зборуваме за еден поен повеќе или помалку, бидејќи во спринт-трките нема многу поени. Исто така, Макс изгледаше дека ја има работата под контрола, така што не загубивме премногу“, изјави Саинс.

Scroll to Top