Top Sport

Леклер полн со емоции во Сузука поради кумот Жил Бјанки

Ф1 дебитантот Шарл Леклер признава дека ќе има измешани чувства кога ќе дебитира на Јапонското ГП во Сузука, каде што го очекуваат само трагични сеќавања.

Возачот на Заубер, кој следната година добива „унапредување“ во Ферари, признава дека му се допаѓа фантастичната јапонска патека, но додава дека сеќавањата на својот пријател од детството Жил Бјанки ќе бидат пресилни.

Бјанки имаше тежок судир на дождот на Јапонското ГП во 2014 додека возеше за Марусја и доби сериозни повреди на главата, кои подоцна придонесоа за неговата смрт.

„Викендот ќе биде многу тежок. Жил ми помогна да станам возач, да бидам тука каде што сум, но беше повеќе од тоа, беше дел од семејството. Никогаш претходно не сум бил во Јапонија, така што денешната прошетка ми беше доста емоционална“, вели Леклер.

Таткото на Леклер, Ерв, кој почина минатата година, и таткото на Бјанки, Филип биле најдобри пријатели од детството. Жил беше кум на Леклер, кој првпат се обидел да вози картинг на патеката на Филип Бјанки во близината на Ница.

20-годишниот Леклер, исто како и Бјанки, е поддржуван од Ферари во својата кариера и следната година ќе добие голема шанса да биде партнер на четирикратниот светски шампион Себастијан Фетел.

Scroll to Top