Возачот на Заубер од Монте Карло, Шарл Леклер веќе има договорено, но не и потпишано, двегодишен договор со Ферари од следната сезона, јавува „Би-би-си“.
Леклер, кој импресионираше во Алфа Ромео Заубер оваа сезона, би бил замена за ветеранот Кими Раиконен, кој најверојатно се враќа во рели ВРЦ шампионатот. Во петокот, шефот на Заубер, Фредерик Васер мораше да демантира дека Леклер веќе на Белгиското ГП оваа година ќе го замени Раиконен.
„Имаме договор со Шарл до крајот на сезоната и уште не сме зборувале за иднината. Подобро е да заврши сезоната и да имаме нормален приод кон работите“, изјави Васер.
Според „Би-би-си“, 20-годишниот Леклер има двегодишен договор со кој би заработувал по 5 милиони евра по сезона. Леклер има освоено поени во четири од последните пет трки за Заубер. Ферари официјално не го коментираше ова, велејќи дека се работи за „медиумски шпекулации“.
Самиот Леклер пак, признава дека би било остварување на сонот да вози за Скудерија.
„Од моето детство сонувам да возам црвени болиди и се надевам дека ќе се случи еден ден. Јас можам само да го давам мојот максимум на патеката“, изјави Леклер пред Австриското ГП овој викенд.
Фото: ЕПА