Возачот на Ферари Шарл Леклер рекол дека само тој е виновен за инцидентот што го предизвика на трката за Големата награда на Јапонија, кога го истурка од патеката Макс Ферстапен од Ред Бул.
Леклер на крајот доби вкупна казна од 15 секунди, а Ферари се парично казнети со 25.000 евра. Возачот од Монако трката ја заврши на седмото место.
„Имав лош старт, малку вниманието ми го одвлече Себастијан Фетел со своето движење поради што бавно реагирав. Стартот не ми беше толку лош, лоша беше реакцијата. А кога станува збор за Макс, јас направив грешка, бев од надворешната страна, а бидејќи бев позади Себастијан и Луис изгубив контрола врз предниот дел од болидот. Вообичаено таквите работи треба да го предвидите, јас тоа не го направив. Поради тоа виновникот сум јас“, рекол Леклер.
Шампионатот на Формула 1 ќе продолжи на 27 октомври кога ќе се вози трката за Големата награда на Мексико.