Top Sport

„Либерти“ го објави планот во пет точки за 2021

Сопствениците на Формула 1, „Либерти медија“ го објавија планот со пет точки за иднината на Формула 1 по крајот на сезоната 2020, откако прво им ги презентираа своите идеи на тимовите пред Бахреин ГП трката овој викенд.

Петте клучни точки за кои се разговараше беа приходите, водењето на спортот, спортските и техничките регулативи, моторите и трошоците.

„Либерти“ планираат да ги направат болидите полесни за тркање и претекнување, и во исто време фокусот да се префрли на возачите. Аеродинамиката, суспензијата и моторите ќе останат главни области за подобрување на перформансите, но ќе има фокус кон одредување на стандардни делови, нешто што нема да им се допадне на Ферари и на постарите тимови.

Формула 1 сака поевтини и поедноставни мотори од 2021 година, со главен фокус за подобрување на звукот, зголемување на моќта и намалувањето на можноста за казни на стартот.

„Либерти“ додава дека правилата мораат да бидат привлечни за нови имиња во Формула 1, со што корисничките тимови би имале можност да имаат слични перформанси како фабричките, но моторите мораат да останат „хибридни мотори кои би биле вредни во производството на улични автомобили“.

Исто така се потврдија најавите за ограничување на буџетот на тимовите, со фокусирање на „умно“ трошење пари. Распределбата на парите исто така треба да биде „побалансирана“ со помош на производителите на автомобили вклучени во спортот, но ќе продолжи да се цени и „историската вредност“ на најголемите тимови, што значи дека најверојатно Ферари ќе продолжат да го добиваат бонусот.

Околу водењето на спортот, „Либерти“ планира поедноставување на структурата, вклучувајќи ги ФИА и тимовите.

„Формула 1 е спорт со богата историја, која мора да се почитува и да се заштити, но во исто време треба да го искористиме потенцијалот со фокусирање кон нашите фанови, кои сакаат поконкурентен и повозбудлив спорт. Сакаме да го креираме најсилниот спортски бренд на светот“, вели шефот на Ф1, Чејс Кери.

Останува да се видат реакциите на тимовите, кои секако нема да бидат задоволни од најавите, и посебно однесувањето на Ферари, кои неколку пати најавија заминување од спортот доколку не се исполнат нивните барања.

Фото: ЕПА

Scroll to Top