Top Sport

Лоренцо падна во првиот круг, Маркез граби кон титулата

Марк Маркез со својата Хонда стигна до својата прва победа по пет трки, откако по фантастичната битка со Андреа Довицозо во Дукати триумфираше на домашното Арагон ГП.

Двојката беше на врвот речиси во целата трка откако освојувачот на пол-позицијата и колега на Довициозо, Хорхе Лоренцо излета на првата кривина уништувајќи си совршена шанса за победа. Двојката на Сузуки, Андреа Јаноне и Алекс Ринс се обидоа да ја намалат разликата во финишот на трката, но на крајот останаа на четвртото, односно петтото место.

„Денеска, морав да ризикувам, ставив задна мека гума и се чувствував одлично на мотоциклот. Успеав да го следам Андреа и потоа дојде големата борба до крајот на трката. Возев на лимит, но се чувствував добро“, изјави Маркез по петтата победа во 2018 година.

Дани Педроза беше шести, додека Јамаха повторно имаше катастрофална трка, со осмото место на Валентино Роси и десеттото на Маверик Вињалес.

Со победата во 14. трка од шампионатот, Маркез има 246 поени на врвот во генерален пласман, пред Довициозо со 174 и Роси со 159 и речиси сигурно веќе ја има обезбедено својата петта титула во Мото ГП на само пет трки пред крајот на шампионатот.

Scroll to Top