Хорхе Лоренцо ќе си замине од Дукати на крајот на сезоната и ќе го пополни испразнетото место во Хонда покрај Марк Маркез, објавува „Аутоспорт“.
Ова доаѓа откако Хонда потврдија дека Дани Педроза по 13 години нема да биде дел од фабричкиот јапонски тим и по неуспехот на Лоренцо да се „навикне“ на мотоциклот на Дукати и покрај победата во неделата во Муџело.
Според „Аутоспорт“, договорот вреди 4 милиони евра годишно и бил договорен пред победата на Лоренцо во Италија. Лоренцо освои три титули со Јамаха, но во Дукати не успеа да ги оствари очекувањата и беше далеку послаб од неговиот колега, Андреа Довициозо минатата сезона.
Замена на Лоренцо во Дукати би бил возачот на Прамак, Данило Петручи, кој има лична поддршка во шефот на италијанската компанија, Клаудио Доменикали. Петручи би добил двегодишен договор и би бил дел од целосно италијанскиот тим покрај Довициозо.
Фото: ЕПА