Шесткратниот Формула 1 шампион, Луис Хамилтон призна дека размислува за повлекување од спортот на крајот на сезоната, откако забележа уште една победа, негова 93. во кариерата, на Емилија-Ромања ГП трката во Имола во неделата.
Ако победи во Истанбул за две недели, Хамилтон ќе ја освои и седмата титула, израмнувајќи се со Михаел Шумахер како најуспешен возач во историјата, без разлика на тоа каде ќе заврши неговиот колега Валтери Ботас.
„Воопшто не знам дали ќе бидам тука следната година, така што не сум загрижен за многу работи, како тоа дали Тото Волф ќе остане во тимот. Имаме многу длабоки разговори и знам каде сум ментално. Тука сум долго време и сфаќам зошто Тото сака малку да се посвети на семејството. Сега сме ноември, а блиску е и Божиќ. Се чувствувам добро, силно и би можел да поминам уште многу месеци, но некои работи се во умот. Би сакал да бидам тука и следната година, но нема гаранции“, изјави Хамилтон.
Неговиот договор со Мерцедес завршува на крајот на сезоната, и надежите дека ќе успее да дојде до договор од 40 милиони фунти по сезона се намалени поради пандемијата на корона вирус и желбата на Мерцедес да намали со трошоците во Ф1.