Возачот на Дукати, Марк Маркез, триумфираше на Големата награда на Арагон, осмата трка од годинашниот шампионат во Мото ГП.
Осумкратниот светски шампион, на патеката „Моторленд“, ја постигна својата четврта победа оваа сезона, а го повтори и успехот од пред 10 години кога ги заврши сите тренинзи, квалификации и трката на првото место.
Најблиску до Марк беше неговиот помлад брат Алекс, кој заостануваше над две секунди, додека на третото скалило на подиумот беше Франческо Бањаја на вториот фабрички Дукати.
Бањаја заостануваше помалку од една секунда зад возачот на Гресини, а во Арагон се врати на подиумот за прв пат по Херез, на крајот на април.
Најдобар меѓу останатите беше Педро Акоста, кој ја помина целта пет и пол секунди зад Бањаја. Најголемата битка се водеше во борбата за петтото место, во која Франко Морбидели од тимот БР46 го победи вториот возач на Гресини, Фермин Алдегер, по што следеше Жоан Мир на Хонда.
Првите десет ги комплетираа возачот на Априлија, Марко Бецеки, Фабио ди Џанантонио од тимот БР46 и Раул Фернандес, кој ги брани боите на Трекхаус.
Постариот Маркез сега е на чело на генералниот пласман со 233 бода, 32 повеќе од неговиот помлад брат, додека Бањаја трет со 140.
Следната трка од шампионатот Мото ГП е за Големата награда на Италија во Муџело од 20 до 22 јуни.