Марк Маркез овој викенд на Малезиското ГП ќе ја има првата шанса да ја запечати Мото ГП титулата, бидејќи има предност од 33 поени пред ривалот на Дукати, Андреа Довициозо на само две трки пред крајот на сезоната.
„Ова е малку поинаков викенд, но ќе се обидам да останам смирен и да го дадам мојот максимум. Разликата е голема, меѓутоа како што се прави, така може и да се загуби“, вели возачот на Хонда.
Малкумина очекуваа оваа година Италијанецот Довициозо да биде негов главен ривал, меѓутоа Маркез вели дека не е изненаден и имаше само добри зборови за својот ривал.
„Дови е поинаков натпреварувач со поинаков менталитет. Од него научив многу работи. Секој возач има поинаков стил на однесување на патеката, некои слаби и некои силни делови. Меѓутоа, Дови беше тивок и си ја вршеше својата работа. На пример на последната трка во Австралија – тој направи неколку грешки, но никогаш не го смени стилот. Тој секогаш го дава својот максимум и тоа е за почитување“, вели Маркез.