Ферари оваа сезона ќе се борат за највисок пласман во Формула 1, тврди советникот во Ред Бул, д-р Хелмут Марко. Марко, повикувајќи се на свои извори, открил дека инженерите на Ферари, успеале да ги пронајдат „загубените“ 50 коњски сили од минатата сезона.
Минатата сезона во Формула 1, која заврши со титули за Луис Хамилтон и Мерцедес, беше една од налошите во долгата историја на славниот италијански тим.
„Ќе ви откријам дека имам информации за Ферари. Значително ја зголемиле силата на нивните мотори. Минатата сезона беа далеку зад сите, на патеката беше јасно дека немаат шанси со другите“, рекол Марко и дополнил.
„За претстојното првенство со наоѓањето на тие 50 коњски сили, очекувам дека ќе се вратат во борбата за победите. Подготвени сме да се бориме, како и секогаш, со нив и Мерцедес“, заклучил Австриецот кој е важна алка во системот на Ред Бул.
За Ферари, во 2021 година ќе возат Шарл Леклер и Карлос Саинц јуниор.