Top Sport

Маса бара 73 милиони евра и титулата од 2008 година

Започна судската битка на Фелипе Маса, тешка 73 милиони евра, поради наводниот заговор што го чинеше титулата светски шампион во Формула 1 во 2008 година. Тоа е титула што Луис Хамилтон ја освои со само еден бод предност пред Маса. Поранешниот возач на Ферари е убеден дека тој е вистинскиот шампион таа сезона, а сето тоа поради контроверзниот судир на Нелсон Пике помладиот на Големата награда на Сингапур, пишува „Дејли Мејл“.

Скандалот познат како „Крашгејт“ е еден од најпознатите во историјата на Формула 1. Бразилецот Маса водеше на Големата награда на Сингапур кога возачот на Рено, Нелсон Пике помладиот, во 14-от круг намерно се удри во ѕидот, што предизвика да излезе безбедносното возило.

За време на хаосот што следеше, тимот на Ферари му го уништо престојот во „пит-лејнот“ на Маса, поради што тој остана без бодови.

Во меѓувреме, неговиот тогашен колега, Фернандо Алонсо, кој отиде во боксот порано, ја искористи ситуацијата и од 15-то место стигна до победата. Пике потоа тврдеше дека станува збор за „едноставна грешка“, но подоцна призна дека тимот на Рено го убедил намерно да се судри.

Шефот на тимот Флавио Бријаторе и главниот технички директор Пет Симондс последователно добија повеќегодишни суспензии, додека Алонсо беше ослободен од какво било незаконско дело.

Маса, кој вчера се појави во Високиот суд во Лондон, бара отштета од 64 милиони фунти (околу 73 милиони евра) плус камата. Неговиот случај се базира на наводна изјава дадена од поранешниот шеф на Ф1, Берни Еклстоун, во 2023 година.

Сега 95-годишниот Еклстоун наводно му признал на Ф1 инсајдер дека тој и тогашниот претседател на ФИА, Макс Мозли, знаеле дека Пике помладиот, намерно го предизвикал инцидентот, но не направиле ништо за да „го заштитат спортот и да го спасат од голем скандал“.

Маса верува дека резултатот од трката требало да биде поништен, со што Хамилтон ќе останел без шест поени, а титулата ќе му припаднела нему.

Scroll to Top