Top Sport

Маса на суд ќе ја бара титулата на Хамилтон од 2008 година

Фелипе Маса, поранешниот возач на ферари, на суд ќе ја бара титулата која во 2008 година ја освои Луис Хамилтон, тогаш возач на мекларен.

По интервјуто со поранешниот шеф на Ф1, Берни Еклстоун, во кое тој призна дека трката во која Британецот профитирал и освоил клучни поени требало да биде откажана, Фелипе Маса, 15 години подоцна најави тужба.

Во 2008 година, Хамилтон ја освои првата од седумте шампионски титули во една од најнеизвесните и најконтроверзните сезони во историјата. На крајот имаше само еден поен повеќе од Маса, откако на последната трка во сезоната во последниот свиок го престигна Тимо Глок. Маса сега тврди дека Хамилтон немаше да биде во таква позиција на последната трка доколку не се случеше инцидент во Сингапур, во режија на тимот на Рено.

Премиерната трка за Големата награда на Сингапур остана запаметена по аферата „Крашгејт“, односно намерна несреќа предизвикана од Нелсон Пике јуниор, со цел да му помогне на тимскиот колега Фернандо Алонсо да победи.

Пике јуниор добил инструкции од шефот на тимот Флавио Бријаторе. Поради судирот безбедносното возило излезе на патеката, а Ферари погреши во тактиката на боксот, па по менувањето на гумите Маса од првата падна на 13. позиција и остана без бодови, додека Хамилтон заврши на третото место.

Таму Британецот изгради разлика од шест поени што се покажа како клучна, но не требаше да биде затоа што трката требаше да биде откажана, како што Еклстоун потврди во интервју за Ф1 Инсајдер. Пике подоцна призна дека му било наложено од тимот да излета за да ја намести трката и да му овозможи на Алонсо да победи.

Пике тоа го откри дури следната година, а Еклстоун вели дека тој и претседателот на ФИА, Макс Мозли знаеле за тоа претходно, но одлучиле да не прават ништо.

„Мозли и јас бевме информирани во текот на сезоната за тоа што се случи во Сингапур. Пике јуниор му кажал на својот татко дека тимот побарал од него да удри во ѕидот за безбедносното возило да излезе на патеката и на тој начин да му помогне на Алонсо.

Решивме да не правиме ништо затоа што сакавме да го заштитиме нашиот спорт од голем скандал, па го убедив таткото на Пике да молчи до понатамошно известување. Тогаш важеше правилот дека конечниот поредок останува непроменет по доделувањето на наградите. Така Хамилтон го доби трофејот и се беше во ред.

Немаме доволно информации за да започнеме истрага. Според статутот на ФИА, под такви услови требаше да ја откажеме трката во Сингапур. Тоа значи дека таа не требаше да се смета за генерален пласман, односно светски шампион ќе станеше Фелипе Маса, а не Луис Хамилтон“, изјави Еклстоун.

Откако го слушнал ова, Маса решил да ги истражи сите правни опции за да се бори за правда 15 години подоцна, бидејќи тогаш адвокатите го увериле дека ништо не може да се смени откако ќе биде прогласен победникот.

„Многу е тажно да се дознае дека трката требаше да биде откажана и дека јас ќе станев шампион. На крајот, јас бев тој кој загуби најмногу со тој резултат“, изјави Маса за „Аутоспорт“, иако признава дека и самиот не верува дека нешто може да се промени.

„Правдата е важна. Мислам дека ако сте казнети за нешто што не е ваша вина, ако тоа е последица на грабеж, украдена трка, правдата мора да биде задоволена. Единствената правилна одлука беше да се откаже таа трка“, изјави Маса.

Во 2008 година, Маса беше најблиску до шампионската титула во Формула 1. Хамилтон по 2008 година, освои уште шест титули помеѓу 2014 и 2020 година и се изедначи со Михаел Шумахер како најтрофеен возач во Ф1 историјата. Ако по некое чудо тужбата на Маса помине, Шумахер повторно ќе биде сам на врвот.

Scroll to Top