Поранешниот возач на Ферари, Фелипе Маса, смета дека доминацијата на Макс Ферстапен и Ред бул рејсинг ќе продолжи до 2026 година, кога на сила ќе станат новите правила за моторите во Формула 1 шампионатот.
Промените во 2026 треба да донесат нов распоред на силите во спортот, како дел од патот кон „одржливост“ кој треба да биде осигуран во 2030 година. Шест производители, меѓу кои Ауди како нова компанија и Хонда како повратник, ќе бидат снабдувачи на мотори во спортот.
„Мислам дека до 2026, кога ќе имаме нови промени на правилата, Ферстапен нема да престане да победува. Сега регулативите важат еднакво за сите, а Ферстапен и Ред бул се супериорни. До 2026 година можеме да очекуваме Ферстапен да ги освои лесно сите титули. Во моментов нема некој кој е на негово ниво, и дури кога ќе дојдат новите промени ќе видиме каква работа ќе завршат во Ред бул“, вели Маса во интервју за „Марка“.