Поранешниот Ф1 возач Фелипе Маса признава дека е разочаран од тепачката на двајца картинг возачи (едниот од неговиот тим) на „500 милји карт“ трката во Бразил.
По повеќе контакти, возачот на А1 ГП серијата, Тука Роча го истурка ривалот Родриго Дантас од патеката. Дантас, кој вози за тимот на Маса веднаш влезе во пресметка со Роча, кој беше на земјата, а инцидентот се случуваше блиску до патеката на која возачите уште се тркаа. Дантас на крајот се обиде да го задави својот противник пред обезбедувањето да ги раздели возачите.
„За мене ова е навистина тажен ден, посебно што мојот тим е вклучен во инцидентот. Се извинувам на сите. Не сум видел вакво нешто во мојата кариера“, изјави Маса, кој возеше додека се случуваше инцидентот.
Мешаницата е посебно засрамувачка за Маса бидејќи минатата недела тој беше одреден за нов шеф на картинг комисијата на ФИА!