Шефот на Хас Ф1, најновиот Формула 1 тим, Гинтер Штајнер ги отфрли обвинувањата дека нивниот болид е нелегална копија на минатогодишниот болид на Ферари, откако тимовите на Ред бул и Мекларен официјално побараа мислење од ФИА.
Возачот на Мекларен, Фернандо Алонсо на Австралиското ГП изјави дека Хас се брзи бидејќи се копија на минатогодишниот болид на Ферари, а слични сомнежи појави и шефот на Ред бул, Кристијан Хорнер, како и од тимот на Форс Индија. Правилата во Ф1 се јасни – тимовите мораат да ја дизајнираат сами својата шасија и аеродинамика.
„Критичарите зборуваат без интелигенција и без познавање, така што ако имаат проблем нека протестираат пред ФИА. Тие гледаат духови и не го сфаќаат дизајнирањето на еден болид. Дали можеби требаше да ги копираме нивните болиди, кои се зад нас, или треба да бидеме брзи. Нека одговорат на тоа“, изјави Штајнер за „Би-би-си“.
Директорот на трки на ФИА, Чарли Вајтинг им даде зелено светло на Хас во Мелбурн и не е загрижен за поврзаноста на Хас со Ферари.
„Знаеме што се случува меѓу Хас и Ферари, и тоа е сосема легално. Лани имаше еден тим кој беше загрижен за таа ситуација, но во моментов нема ништо што не загрижува“, изјави Вајтинг.
Болидите на Хас беа изненадувачки конкурентни на тестирањето и на првата трка – Кевин Магнусен се квалификуваше на шестото место, а Роман Грожан на седмото и беа блиску до пласман на четвртото и петтото место, пред да се откажат откако беа пуштени на патеката со недоволно зацврстени тркала.
Но, дебатата е поширока и се однесува на тоа што треба да претставува еден тим. Ривалите се фокусирани на две работи – сличноста меѓу деловите на Хас и на Ферари, и како американскиот тим може да дизајнира конкурентен болид со најмалку вработени во Ф1.
Car comparison @HaasF1Team 2018 vs @ScuderiaFerrari 2017 #Techf1 @ScarbsTech @f1technical #SkyMotori @marcoasfalto @newseffe1 pic.twitter.com/3jeZA0qk99
— Salvatore Asero (@Graftechweb) February 15, 2018
Хас, кои се во сопственост на американскиот бизнисмен Џин Хас кој има огромно искуство во американските серии, ги купува сите делови кои правилата ги дозволуваат од Ферари и сами ги дизајнираат само деловите кои се задолжителни – аеродинамиката и шасијата. Суспензијата, менувачот, моторот, хидрауликата и електрониката се директно купени од Ферари. За разлика од нив, другите приватни тимови купуваат само мотори и менувачи (како Форс Индија и Вилијамс од Мерцедес).
Хас има 220 вработени, во споредба со речиси 600 во Вилијамс, 400 во Форс Индија и над 7000 во Мекларен. Шефот на Мекларен, Ерик Булие вели дека правилата се одговорност на ФИА.
„Постојат правила и мораме да веруваме во ФИА дека сите ја завршуваат својата работа според праивлата. Да, тие имаат скок во перформансите. Не се голем тим, а се блиску до Ферари. Некои делови изгледаат слично, но можеби е случајност“, вели Булие.
Фото: ЕПА