Тимот на Мекларен го претстави својот нов болид МЦЛ33 со кој славниот тим ќе се обиде да се врати при врвот во Формула 1, по смената на моторите од Хонда на Рено за новата сезона.
Болидот е еволуција на минатогодишниот дизајн, кој беше оценет дека ја има една од најдобрите шасии во спортот, но со моторот на Хонда Мекларен не успеваше да се пробие на врвот. Болидот сега е доминантно портокалов, што е уште едно враќање на историската шасија на Мекларен од 1960-тите.
„За нас ќе биде успех да се квалификуваме и да се тркаме на врвот, да бидеме на подиумот. Тоа нема да биде лесна задача“, вели извршниот директор на тимот, Зек Браун.
Фернандо Алонсо повторно ќе го предводи тимот со белгискиот колега Штофел Фандорне, иако тој ќе има и други обврски, со настап во Светскиот ендуранс шампионат (ВЕЦ) со Тојота.
„Чувството е одлично. Секогаш е прекрасно кога првпат влегуваш во нов болид. Ќе се обидеме да се бориме за подиуми на секоја трка. Со новите бои болидот навистина ’паѓа’ во очи“, изјави Алонсо.
Мекларен немаат победа од последната трка во 2012 година во Бразил, а ниту еден возач на Мекларен нема пласман на подиумот од првата трка во 2014 година, кога Кевин Магнусен беше втор во Австралија.
Inspired by our history, driven by our future. Ladies and gentlemen, the McLaren #MCL33. https://t.co/6EYoGHxhf1 #BeBrave pic.twitter.com/yo9ebTU8ow
— McLaren (@McLarenF1) February 23, 2018