Top Sport

Мекларен пред трката во Мексико: Сè зависи само од нас

Мекларен ја одбрани титулата кај конструкторите во Формула 1, сега сите во британскиот тим се надеваат дека ќе имаат светски шампион и во конкуренција на возачи.

Мекларен има два силни адути, лидерот во шампионатот Оскар Пјастри и второпласираниот Ландо Норис, но нивните планови може да ги расипе фантастичниот Макс Ферстапен, кој доминира во последно време и ја намалува разликата во генералниот пласман.

Актуелниот шампион сега е 40 поени зад Пјастри и 24 зад Норис. Остануваат уште пет трки во шампионатот, а шефот на Мекларен, Андреа Стела, е уверен дека Пјастри и Норис ќе го одбијат нападот на Макс.

„Имаме пет трки и уште две спринт трки пред нас – ова се шанси не само да се одбраниме, туку и да ја зголемиме нашата предност во однос на Макс. Постојат патеки кои одговараат на карактеристиките на нашиот автомобил и јас тоа го гледам како можност, а не како закана“, започна Стела.

Не е Мекларен тој што моментално е доминантен, како што беше во поголемиот дел од сезоната.

„Свесни сме дека не искористивме сè што може да понуди нашиот автомобил. Возачите исто така знаат дека можеа подобро да се снајдат во некои трки. Затоа ги гледаме следните пет како шанса – не како борба за опстанок, туку како можност за дополнително зголемување на предноста“, оптимист е Стела, која на крајот рече дека сè е во рацете на Мекларен.

„Сè уште ги држиме сите конци во наши раце. Исходот од сезоната и титулата – тоа е нешто што зависи само од нас. И со тој став, влегуваме во финишот на шампионатот“, заклучи тој.

Сезоната во Формула 1 продолжува викендов со трката за Големата награда на Мексико.

Scroll to Top