Шефот на тимот на Ред бул, Кристијан Хорнер очекува неговиот тим да остане најдобриот Ф1 тим со мотори на Рено следната година и покрај тоа што повеќекратните шампиони Мекларен се разделија со Хонда и ќе имаат исти мотори како австрискиот тим.
Ред бул оваа година победија на три трки, вклучувајќи ја последната кога Макс Ферстапен триумфираше во Мексико, додека Мекларен немаат победа од далечната 2012 година. Фабричкиот тим на Рено е само седми во генерален пласман, додека Мекларен се деветти.
„Мекларен се силен тим со одлични возачи и ќе биде интересно да се натпреваруваме со нив на патеката. Имаме фантастичен прогрес во втората половина на сезоната и целта е тоа да продолжи и во 2018. Рено имаат дефинитивен репер во Ред бул“, вели Хорнер.
Ред бул беа шампиони со мотори на Рено четири пати едноподруго од 2010 до 2013 година. Рено и Мекларен имаат ист партнер за масла и гориво (БП), додека Ред Бул се со Екзонмобил, компанијата која беше спонзор на Мекларен 21 година до крајот на минатата година.
Од друга страна, постои неизвесноста кои мотори ќе ги користи Ред Бул по 2018 година, бидејќи во септември се тврдеше дека Рено ги известиле дека нема да го продолжат договорот со нив.