Вториот најуспешен тим во историјата на Формула 1, Мекларен има потреба од „итна“ финансиска инјекција за да избегне банкротирање, јавуваат британските медиуми.
Според „Би-би-си“, Мекларен се наоѓа во судски процес предводен од група доверители на тимот кои не дозволуваат компанијата да ги даде под хипотека својата фабрика и колекцијата на историски автомобили. Инвеститорите тврдат дека седиштето во Вокинг и колекцијата веќе се „врзани“ со обврзница од 2017 година, со која се привлекле 650 милиони фунти.
Документите исто така покажуваат дека акционерите донеле дополнителни 291 милиони фунти во компанијата во март оваа година за да се обезбед ликвидноста, а сумата достигнува половина милијарда фунти во последните 18 месеци. Од тимот велат дека парите се потрошени во текот на корона кризата.
Мекларен е основан од тркачот Брус Мекларен, кој трагично го загуби животот на патеката Гудвуд во 1970 година, по што беше воден од Теди Маер, и со спонзори на „Марблоро“ ги освоија титулите во 1974 (Емерсон Фитипалди) и 1976 година (Џејмс Хант).
По падот на формата, на крајот на 1980 година, Рон Денис откупи 50 отсто од акциите на Мекларен и започна златната ера на тимот со титули со Ники Лауда, Алан Прост, Аиртон Сена, Мика Хакинен и Луис Хамилтон. Во 2009 година тој беше „избркан“ од тимот и остана со само 25 отсто од акциите, кои Мекларен ги откупија оваа година за 275 милиони фунти.
Сега, главен сопственик е фондацијата Мумталакат од Бахреин со 57.7 отсто, ТАГ групацијата на Саудиецот Мансур Оџех (14.7 отсто) и канадскиот милијардер Мајкл Лафити (10 отсто).
Овие проблеми доаѓаат во време кога Формула 1 тимот во 2019 ја имаше својата најдобра сезона во последната деценија, а продажбата на супер-автомобилите беше толку успешна, што лани објавија дека ќе ги намалат бројот на произведените возила за да се заддржи ексклузивноста.