Поранешниот светски шампион, Британецот Најџел Менсел ги предупреди шефовите на Ф1 дека спортот не смее да загуби ниту еден од големите производители, но посебно дека нема шанси да преживее без Ферари.
„Заканите“ за можно повлекување на Скудерија од спортот се појавија во ноември, откако новите сопственици „Либерти медија“ ги поднесоа новите предлози за регулативите по 2021 година. Во Ферари сметаат дека концептот на стандардизирање на делови е спротивен на суштината на Ф1, а тоа исто така им пречеше и на Мерцедес.
64-годишниот Менсел, кој помина две сезони во Ферари, пред да ја освои својата светска титула со Вилијамс во 1992 година, јасно верува дека без Ферари нема да има шампионат.
„Апсолутно е така. Формула 1 ќе има голем предизвик ако замине некој друг производител, а без Ферари… И така имаме 20 болиди на стартот сега. Во најдобрите денови имаше 43 болиди кои се обидуваа да се квалификуваат за 26 места. Фановите плачат за таква ситуација. Потребни ни се нови возачи, нова крв, нови производители на автомобили кои ќе се натпреваруваат на еднакво ниво“, објасни Менсел.
Тој вели дека во „Либерти“ мораат да ги послушаат тимовите.
„Се надевам дека тие ќе подготват некои правила кои ќе бидат прифатливи за сите и ќе има поголема еднаквост. Има нешто погрешно во темелите на спортот кога неверојатен тим како Мекларен со толку титули и гигант како Хонда не можат да се пробијат. Не би требало да е толку тешко“, додава Менсел.