Иако во Формула 1 трае таканаречената летна пауза, шампионатот може да има уште еден пресврт по камбекот на Белгиското ГП, каде што ќе биде во сила новата техничка директива на ФИА, со која во Мерцедес без криење очекуваат перформансите на ривалите од Ред бул и Ферари да бидат значително скратени за нов однос на силите во Ф1.
Со техничката директива ќе се затворат можности за „сомнителни“ работи со подот на болидите, а до неа доаѓа откако повеќе тимови, а во прв план Мерцедес се жалеа на таканареченото потскокнување на болидите, од кое тврдеа дека нивните возачи можат да добијат трајно оштетување на мозокот. Ферари и Ред бул се противеа на промените, тврдејќи дека тие кои имаат проблеми со потскокнување, можат да го решат тоа едноставно со кревање на висината на болидот (со што секако ќе следува и пад на перформансите).
Според „Ауто мотор унд спорт“, во Мерцедес има нескриен оптимизам дека промената ќе ги чини Ферари и Ред бул барем две-три десетинки од секундата, со што „сребрената стрела“ би била можеби и побрза од ривалите.