Top Sport

Мик Шумахер: Мојот татко секогаш велеше дека рекордите се тука да се рушат

Лидерот во Формула 2 шампионатот, Мик Шумахер открива дека неговиот татко Михаел секогаш му велел дека рекордите се тука за да се рушат, откако Луис Хамилтон овој викенд ќе има шанса да ги израмни 91-те победи на Шуми.

По трансферот во Мерцедес во 2013, Хамилтон има фантастичен успех, со 69 победи и заедно со своите 21 победа за Мекларен, овој викенд може да стигне до 91-та победа, рекорд за кој многумина велеа дека никогаш нема да се сруши. Хамилтон веќе е рекордер по бројот на пол-позиции и подиуми, а на добар пат е да го израмни и рекордот од седум титули на Шумахер.

Хамилтон, исто така, го замени токму Шумахер во Мерцедес кога пристигна во 2013 година, а Германецот замина во пензија.

„Мислам дека една реченица која секогаш ја кажуваше мојот татко е: ’рекордите се тука да се рушат’. Мислам дека тоа е целта на секој во овој спорт. Луис имаше фантастична серија и мислам дека ќе биде добро за спортот да го сруши рекордот, бидејќи неговото влијание во Ф1 е огромно. Следната цел ќе бидем најверојатно јас да ги рушам тие рекорди“, вели Шумахер Јуниор.

Шпекулациите велат дека Мик ќе добие шанса  во Формула 1 веќе следната сезона во тимот на Алфа Ромео, бидејќи е јуниор на Ферари, а швајцарскиот тим ги користи моторите на Ферари.

Scroll to Top