Top Sport

Монтеѕемоло: Фетел никогаш нема да биде како Шумахер

Поранешниот претседател на Ферари, Лука ди Монтеѕемоло беше човекот кој го „натера“ Себастијан Фетел да потпише со Скудерија во 2015 година, но сега се сомнева дали Германецот ја има потребната ментална сила потребна за освојување на титули.

Со четири титули зад себе, од Фетел се очекуваше многу во Ферари, посебно бидејќи тој е вториот Германец по неговиот херој Михаел Шумахер кој дојде во Маранело во период на „обнова“ на тимот. Но, досега, за разлика од Шуми, Фетел успева да ги освојува само вторите места со црвениот болид, откако лани ја пропушти најдобрата шанса поради низа грешки.

Монтеѕемоло вели дека Фетел никогаш нема да го стигне Шумахер, бидејќи нема доволно ментална сила.

„Однадвор, моето чувство е такво, иако честопати грешиш кога гледаш однадвор. Тој е брз, пријатен како личност, го сака Ферари, ја знае одговорноста.Но, понекогаш му недостасува сила“, вели Италијанецот во интервју за официјалниот веб-сајт на Ф1.

Монтеѕемоло, исто така, не беше воодушевен ниту од претходникот на Фетел, Фернандо Алонсо.

„Да бидам искрен, тој немаше среќа – беше во Ферари кога Ред бул беа многу доминантни. Тој ја загуби титулата во Бразил во 2012, кога Себастијан во првиот круг се судри со Бруно Сена, или во 2010 кога тимот направи голема грешка а му требаше само четврто место за титулата. Но, тука е и неговиот карактер. За разлика од Михаел, но и Ники Лауда, тој беше Алонсо, не Алонсо со Ферари. Кога ќе победуваше беше среќен, кога не, тогаш има проблем во тимот. Лесно е да си близок со тимот кога победуваш“, додава Монтеѕемоло.

Scroll to Top