Поранешниот шеф на Ф1 проектот на Хонда, Јусуке Хасегава признава дека во јапонскиот гигант им олеснало по крајот на партнерството со Мекларен.
Англискиот славен тим, втор најуспешен во историјата на Ф1, оваа година постојано ја критикуваше Хонда за слабите перформанси и никаквата постојаност во третата сезона заедно, за на крајот на сезоната да се договорат да го раскинат договорот. Мекларен во 2018 ќе вози со мотори на Рено, додека Хонда останува во Ф1 со партнерство со јуниорскиот тим на Ред бул, Торо росо.
Хасегава, кој заминува од Ф1 проектот на друга раководна функција во Хонда, вели дека сега е добро што можат да се концентрираат на следната сезона.
„Да, чувствуваме олеснување. Можеби нема да ни верувате, но не мислам дека меѓу Мекларен и Хонда имаше проблеми од човечка природа. Односите со тимот остануваат добри. Ова не е нов почеток, туку соземање на силите и од таа страна нема голема промена – мораме да имаме конкурентен мотор. Нема план за менување на концептот на работа“, вели Хасегава за „Аутоспорт“.
Јапонецот вели дека вистинска штета што Мекларен и Хонда не успеаја да ги вратат славните години од крајот на 1980-тите и почетокот на 1990-тите.
„За жал тие решија да побараат нов мотор за следната сезона. Но, тоа е нивна стратегија и мораме да ја почитуваме одлуката“, додава Хасегава.