Top Sport

Некои едвај чекаат да го критикуваат Ферари, вели Аривабене

Шефот на Ферари, Маурицио Аривабене ги нападна критичарите на неговиот тим, кој сметаат дека низата грешки кои ги направи италијанскиот тим значеше дека тие „доброволно“ ја предадоа титулата во рацете на Мерцедес.

Сега на Ферари им останува само математичка шанса да го сопрат Луис Хамилтон да стигне до нова титула, но Аривабене вели дека нема криза иако главен виновник за лошата низа резултати беа стратешките грешки на тимот и грешките на патеката на Себастијан Фетел.

„Имам впечаток дека некои луѓе едвај чекаат да го критикуваат Ферари. Откако сум тука, како шеф на тимот, секогаш сум го ставал моето лице пред другите и ќе продолжам така. Да, во Јапонија бев лут, но тоа не значи дека имаше контроверзи. Не ми пречи дискусијата, бидејќи тишината е потешка, но некои луѓе му сакаат лошо на тимот. Кога сте лидери во генерален пласман, половина насмевка значи голема хармонија, но кога сте втори, нормално е да не се смееме. Можеби треба да се научиме да се смееме“, вели Аривабене.

Тој исто застана зад Фетел по шпекулациите дека Ферари ќе му дадат ултиматум следната година да стане шампион или ќе го избркаат од тимот.

„Се сеќавам на сите враќања на Себастијан во некои сезони со Ред бул. Двапати на шест трки пред крајот, тој со својот талент направи пресврт“, објаснува Аривабене.

Scroll to Top