Top Sport

Нема да има трка во Мајами наредната година

Сопствениците на Формула 1, соопштија дека плановите поврзани со новата трка во Мајами, нема да можат да бидат реализирани барем до 2020 година.

Формула 1 и Мајами планираа дека премиерната трка во овој град ќе може да се одржи во октомври 2019 година, меѓутоа двете страни соопштија дека преговорите предолго траеле за да може трката да биде одржана наредната година.

Директорот на комерцијалните операции на Ф1, Шон Бречис, рекол дека преговорите биле тешки, бидејќи сопствениците сакале да направат што е можно подобра улична патека.

Тој потенцирал дека Ф1 сака да организира трка во Мајами, а исто така дека желбата е да биде зголемен бројот на трки во Северна Америка.

Градот Мајами, во мај, го одобри предлогот градот да биде домаќин на трка во првенството на Формула 1. Откако планот беше одобрен многу возачи, на чело со актуелниот првак Луис Хамилтон, го критикуваа планот на патеката.

„Ниту еден возач во историјата не учествувал во изработката на дизајнот на патеката. Не го разбирам тоа. Не сме дизајнери, но не не прашаа ниту за совет. Мајами е супер место, возбуден сум поради тоа, но кога ќе видам ваков план, тогаш не сум воодушевен“, рекол Хамилтон.

Планирано е Мајами со Формула 1 да потпише десет годишен договор.

Scroll to Top