Новата авто-биографија на Адријан Њуи, „Како да изградите болид“, веќе ни даде одличен поглед на тоа како еден од најдобрите дизајнери во историјата на Ф1 чувствува вина за смртта на Аиртон Сена, а сега Англичанецот открива како добивал информации од своите главни ривали Ферари.
Њуи дизајнираше шампионски болиди за тимовите на Вилијамс, Мекларен и Ред бул, и вели дека информациите се сè во Формула 1.
„По крајот на секоја трка, болидите мораат да бидат прегледани од страна на ФИА (скрутиниринг) за да се осигура дека се тркале со легална конфигурација. Кога ќе завршат тие тестови има еден час парк ферме, во кој болидите се држат на страна. Ако некој од ривалите сака да направи протест, тоа може да го направи тогаш. Тука има многу игри. Инженери како мене можат да добијат шанса да ги погледаат другите болиди. Механичарите кога ќе видат некој како мене, веднаш се фрлаат на болидот во обид да спречат да видам нешто интересно. Ферари посебно се истакнуваат тука кога ќе им се доближам. Кога ќе отидам кај делот кој посебно ме интересира, тие ме следат како пчели по мед, а во исто време еден од нашите фотографи ќе го погоди делот кој навистина ме интересира. Ферари уште не го сфатија тоа“, пишува Њуи.
Британецот не крие дека ја искористува секоја можна шанса да ги погледне и да ги анализира дизајните на ривалите, дури и на ваков начин.
„Да бидам искрен, тоа е мала игра. Ако навистина сакам да го гледам болидот, треба да почекам до крајот на трката и да ги разгледам во парк ферме, кога никој не смее да ги допре цел час. Болидите обично се паркирани тука пред нас и бидејќи механичарите се пакуваат, можете да гледате колку сакате“, додава Њуи.