Top Sport

Со новите газди, помалку пари за Ф1 тимовите

Најдобрите 10 Формула 1 тимови добиле вкупно 47 милиони долари помалку од минатата година, во првата сезона под новите американски сопственици „Либерти медија“.

Иако се очекуваше намалување на приходите на тимовите, објавувањето на финансиските резултати од последниот квартал во 2017 дава појасна слика за колку навистина е големо намалувањето.

Ф1 тимовите добиле 966 милиони долари во 2016 година, и 919 милиони долари во 2017 година, или 5 отсто помалку. Ова е првпат во историјата тимовите да добиваат помалку пари од минатата сезона.

„Либерти“ исто така открива дека приходот на Ф1 групацијата паднал од 1.796 милиони долари на 1.784 милиони долари, а главната причина е што во 2017 имаше 20 наместо 21 трки како во 2016 година.

Покрај ова, Ф1 загуби два големи спонзори „УБС“ и „Алијанц“ во периодот на транзиција од водството на Берни Еклстоун на „Либерти“. Ф1 исто така имаше повеќе трошоци – преселба во новото седиште во Лондон, огромно зголемување на вработените и трошење на промотивни акции.

Тимовите веќе во октомври преку писмо побараа тие трошоци да се покријат преку инвестиција на „Либерти“, а не да се одземаат од приходите на тимовите.

Фото: ЕПА

Scroll to Top