Top Sport

Од 2021 повторно партнерство Мекларен-Мерцедес?

Главната шпекулација пред Руското ГП во Сочи е дека Мекларен се одлучиле да се „вратат“ на мотори на Мерцедес од 2021 година, воскреснувајќи едно партнерство кое носеше титули.

Мекларен возеа со мотори со Мерцедес и беа де факто „фабрички“ тим на „сребрената стрела“ од 1995 до 2014 година, пред да се префрлат на мотори на Хонда во 2015 кога поранешниот прв човек на тимот, Рон Денис се обидуваше да склучи ново партнерство со јапонската компанија. Покрај тоа, главна причина за трансферот беше тоа што Мерцедес си формираа сопствен тим и Мекларен беа само обичен „кориснички тим“.

Но, соработката со Хонда беше катастрофална со мизерни резултати, пред Мекларен да се префрли на мотори со Рено со договор за три години – од 2018 до 2020 година. Вилијамс неодамна објавија дека ќе продолжат со Мерцедес најмалку до 2025 година, така што Мекларен би бил трет тим кој би го снабдувала германската компанија.

Со поставувањето на Андреас Зајдл како нов шеф на тимот, Мекларен има големи амбиции за враќање на старата слава, а Ферари „отпаѓа“ од игра бидејќи Мекларен-Ферари би било „неприкладно за имиџот на тимот“ кој со години беше главен ривал на Ферари.

Scroll to Top