Top Sport

Парични казни за Расел и Цунода

Џорџ Расел и Јуки Цунода беа санкционирани од стјуардите на Големата награда на Монако по тренингот во петокот. Двајцата беа казнети за брзо возење во боксот, кој во Монте Карло е ограничен на 60 км/ч, наместо стандардните 80 км/ч.

Расел е казнет со 100 евра (!), бидејќи неговиот прекршок бил само 0,2 км/ч. За време на тренинзите и квалификациите, возачите се казнуваат со 100 евра за секој километар над лимитот.

Казната на Цунода е посериозна, бидејќи во боксот возел 16,2 км/ч над дозволеното и тоа со оштетен автомобил. Прекршокот на јапонскиот возач се случи кога тој се врати во боксот со дупната гума и други оштетувања на неговиот болид, откако оствари контакт со заштитната ограда на шиканата по тунелот.

Со оглед на тоа дека ситуацијата со Цунода беше многу поопасна, тој доби официјална опомена од стјуардите, а тимот на Алфа Таури беше казнет со 1000 евра.

Самиот Цунода им призна на стјуардите дека заборавил да го вклучи ограничувачот на брзината при враќањето во боксот.

Scroll to Top