Top Sport

Перез мора да ја поправи формата

Директорот на Ред Бул, Кристијан Хорнер изјави дека вториот возач Серхио Перез мора да се врати во својата најдобра форма, поради заканите кои за актуелниот шампион во Формула 1 доаѓаат од Ферари и Мекларен.

Перез имаше тежок викенд во Монако, во квалификациите заврши на 16. место, а трката ја заврши во првиот круг поради страшниот инцдент со Кевон Магнусен од Хас, по што неговиот болид беше уништен.

Пред Монте Карло, Перез беше лош и во Имола, каде што трката ја заврши на осмото место, откако се квалификуваше на 11. место.

Во Монако, домашниот возач Шарл Леклер од Ферари победи и ја намали разликата во однос на водечкиот актуелен шампион Макс Ферстапен од Ред Бул на 31 поен. Перез падна на петтото место, зад возачите на Ферари Шарл Леклер и Карлос Саинц и Ландо Норис од Мекларен.

Во конкуренција на конструктори прв е актуелниот шампион Ред Бул, но по Монте Карло има само 24 поени повеќе од Ферари.

„Овој викенд беше прилично брутален за него. Мораме да се погрижиме и двата болида да освојат поени, бидејќи не можеме да ја отфрлиме заканата од Ферари и Мекларен во двете конкуренции. Чеко беше силен во првите шест трки. Во квалификациите беше во првиот ред, трките ги завршуваше како втор или трет. Мораме да го вратиме во таа позиција на самодоверба“, изјави Хорнер за „Скај спорт“.

Со оглед на тоа што договорот на Перез истекува на крајот на сезоната, се верува дека 34-годишникот ќе остане во тимот барем уште една сезона.

Хорнер негираше дека неодамнешните резултати на Перез ќе ја одредат неговата иднина во тимот.

Шампионатот во Формула 1 продолжува на 9 јуни со Големата награда на Канада.

Scroll to Top