Уште едно славно тркачко име, Масерати, може да се врати во Формула 1 наскоро преку партнерството на Ферари со американскиот Ф1 тим, Хас.
Италијанските медиуми тврдат дека шефот на Фиат-Крајслер (а со тоа и на Ферари и на Масерати), Серџо Маркионе планира да го врати производителот на спортски автомобили од Модена во Формула 1 по 60-годишно отсуство .
Договорот би бил спонзорски кон Хас во вредност од 25 милиони долари, односно би ги покривал трошоците за моторите на Хас.
Ова доаѓа откако Маркионе успеа да склучи сличен договор со Заубер, кој од следната година ќе биде познат како Заубер-Алфа Ромео.
„Засега немаме склучено договор, но тоа е многу можно во блиската иднина. Времето ќе покаже“, изјави Маркионе за „Спидвик“.
Масерати има добро педигре во Ф1 поради успехот во првите години од Светскиот шампионат, освојувајќи две титули со Хуан Мануел Фанџо во 1954 и 1957 година.